Стандард бр. 212-Русија
Општ изглед : пес со елегантен изглед, снажен, многу подвижен, достоинствен и сигурен.
Глава : главата е снажна, черепот е клинест а потилната коска е благо изразена, стопот е добро нагласен, муцката е јака, голема, приближно подеднаква со должината на черепот. Усните се добро припиени, малку збиени, носната печурка е добро развиена. Забалото е ножичасто. Очите се темнокостенливи, добро сместени во очната шуплина, благо искосени и со облик на бадем. Ушите се високо всадени, развиени, релативно мали, триаголни, вертикални, подвиткани со благо заоблени врвови.
Врат : јак, умерено долг,грациозно носен, малку издигнат.
Тело : должината на телото е малку поголема од височината на гребенот. Градниот кош е доста длабок, а песот е збиен но е многу подвижен. Грбот е средно долг, мускулест, прав. Околувратникот е благо набран-женките се малку подолги од мажјаците, цврсти во слабинскиот дел со умерено прибран стомак. Ребрата се добро заоблени. Слабините се исполнети, снажни и мускулести.
Предни нозе : добро поставени, мускулести и со снажни коски. Лопатките се долги, добро искосени и поврзани. Гледано однапред, предните нозе се прави, лактите се припиени кон телото. Дошепјето е снажно.
Задни нозе : гледано одзазди, тие се прави, паралелни и изразито мускулести. Задниот дел на шепите е заоблен, а скочниот зглоб е спуштен. Шепите се заоблени и еластични. Прстите се благо свиткани и немногу раширени.
Движење : одот не е усилен, предните нозе добро прават чекор, а задните вршат добар потисок.
Опашка : кога песот е во акција, опашката е носена свиткана кон напред на грбот или на ребрата, но кога песот се одмара опашката “виси” и достигнува до скочниот зглоб.
Влакна : густи, тешки и еластични.Влакната на самоједот се дупли, а подвлакната се кратки, меки, густи и збиени. Покровните влакна се многу долги, прави и тешки и тие ги притискаат подвлакната. Образуваат богати набори околу вратот и плешките обележувајќи ја главата(ја урамнотежува), особено кај мажјаците, од надворешната страна на ушите, главата и предните делови на нозете, влакната се кратки и мазни, а внатрешната страна на ушите е добро влакнеста со заштитни влакна.
Боја : бела, крем или бело-бледа крем(во основа бојата е бела со бледо крем ознаки). Носната печурка, усните и рабовите околу очите се црни.
Висина : мажјак: 57см
женка: 53 см се толерира разлика од 3см
Н.Б. Мажјаците мора да имаат два нормално развиени тестиса, потполно спуштени во скротумот.
**Преземано од"Развојот на кинологијата во Република Македонија со посевен осврт на најзастапените раси"- Мр. Илија Дроздовски